Вкупните краткорочни побарувања во македонското стопанство лани достигнале 5 милијарди евра, а од нив 4,6%, или 226 милиони евра се долгови што јавниот сектор ги има кон компаниите. Од вкупниот износ, најмногу си должат компаниите меѓу себе, односно 73%, или околу 3,5 милијарди евра. Ова се официјалните податоци на Централниот регистар на Македонија заклучно до 31 декември 2011 година што ги презентираше Александра Наќева Ружин, претседател на Европската бизнис асоцијација на вчерашната дебата на тема "Европската и македонската рецесија, искуства, предизвици и контроверзии" што се одржа во Скопје во организација на Советот за глобална соработка, Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на северо-западна Македонија. Наќева Ружин јавно праша: Дали ова расчистување на државата кон бизнис-секторот ќе има долгорочен ефект, или ќе се донесе до салдо нула, а понатаму повторно ќе постои задолженост и со тоа и намалена ликвидност на компаниите.
Вкупните краткорочни побарувања во македонското стопанство лани достигнале 5 милијарди евра, а од нив 4,6%, или 226 милиони евра се долгови што јавниот сектор ги има кон компаниите.
Од вкупниот износ, најмногу си должат компаниите меѓу себе, односно 73%, или околу 3,5 милијарди евра.
Ова се официјалните податоци на Централниот регистар на Македонија заклучно до 31 декември 2011 година што ги презентираше Александра Наќева Ружин, претседател на Европската бизнис асоцијација на вчерашната дебата на тема "Европската и македонската рецесија, искуства, предизвици и контроверзии" што се одржа во Скопје во организација на Советот за глобална соработка, Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Наќева Ружин јавно праша: Дали ова расчистување на државата кон бизнис-секторот ќе има долгорочен ефект, или ќе се донесе до салдо нула, а понатаму повторно ќе постои задолженост и со тоа и намалена ликвидност на компаниите.
- Токму затоа, за да нема во иднина долгови, неопходно е да се донесе законот за финансиска дисциплина - укажа Наќева Ружин. Таа посочи дека бизнис-заедницата бара да се формира Гарантен фонд кој ќе биде финансиран од државата и особено ќе биде користен при земањето на кредити од странство. Според неа, кога државата ќе се јави како гарант, кредитот полесно ќе се добива.
На оваа тема прозборе и Александер Тиеман од ММФ. Според него, добро е што Владата долгот кон фирмите ќе го врати до февруари 2013-та, но сепак, вели тој, треба да се знае зошто се дојде до ваква состојба, но и да се согледа каков систем треба да се има за да не се случи истото в година.
- На среден рок не треба да се оди на зголемување на долгот. Ние советуваме фискалниот дефицит да не биде поголем од 1,5% од БДП. Но, тоа во моментов е голем предизвик поради големите јавни инвестиции. Од друга страна, даноците не се зголемуваат, а има најави за повисоки плати и пензии - вели Тиеман и резимира дека имаме ниски даноци и големи трошоци, поради што нешто мора да каска. Според него, на долг рок треба да се внимава на невработеноста, образованието, инфраструктурата.
Сепак, Тиеман ја пофали финансиска стабилност на Македонија во поширока смисла на зборот, бидејќи на среден рок постои фискална стабилност, стабилност на јавниот долг, како и соодветен дефицит на тековната сметка со голем прилив на тековни трансфери, како што се дознаките од иселениците.
- Исто така напорите за привлекување на странски инвестиции се покажаа позитивни.
Прогнозите на ММФ за економскиот раст на Македонија се на ниво како и на Народната банка на РМ, така што до крајот на 2012 економскиот раст ќе биде околу 1% - вели Тиеман и потсети дека ММФ денеска ќе излезе со официјален извештај и ќе се знаат точните бројки.
Тој предупредува дека големо влијание на земјава ќе има рецесијата во еврозоната, бидејќи 30% од извозот е во земјите од ЕУ, а 60% во земји од регионот, кои пак, се поврзани со ЕУ. За Тиеман има и домашни предизвици, а тоа е лошата зима на која не можевме да влијаеме, а која негативно се одрази врз градежништвото и рударството. Наредната година се очекува да биде подобра за ЕУ-зоната, иако нема да има спектакуларен раст. Инвеститорите што се етаблираа во Македонија ќе почнат со производството на крајот од оваа, или во текот на наредната година.
Професорката Никица Мојсовска Блажевска, смета дека треба да се најде вистински модел за раст на македонската економија, оти паметните учат од своите грешки. Таа укажа на еден парадокс во праксата, а тој е оти странските инвестиции во земјава бараат работна сила со ниско образование, а ние водиме политика на високо образование. Според неа, земјава има и ниска стапка на вработеност од 56%, а целта е таа да достигне околу 70% и да се достигне европското ниво.
За професорот Мирољуб Шукаров, рецесијата е лице на економскиот развој и кога има оптимизам има и најмногу грешки, а рецесијата, вели тој, токму ги брише овие грешки. Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северо-западна Македонија смета дека во услови на рецесија бизнисот треба построго да се води, но и внимателно да се управува со готовинските средства. Според него, особено е важно да се намалат и трошоците за да има поголема конкурентност на пазарот, а државата треба да биде партнер на бизнисот со цел, да се заштити ликвидноста на компаниите. Кучи вели дека треба да се утврди кои даноци ќе се зголемат, а кои ќе се намалат.